Добро подгответе го мразот, НХЛ-маратонците од Тампа беј и Колумбус ќе „трчаат“ нов круг

Хокеарите на Тампа беј лајтнингс и Колумбус Блу џекетс имаа 48 часа да се одморат од неверојатниот маратон што го одиграа во вторникот, а траеше долго во ноќта и беше решен по дополнителни 90 минути во петтото продолжение.

Вечерва од 21 часот повторно истите јунаци ќе бидат на мразот во „Скоцијабенк арената“ во Торонто, за жал, повторно без публика на која поради пандемијата со ковид-19 ѝ беше скратена можноста во живо да гледа над 150 минути ефективен хокеј, или меч што траеше над пет часа заедно со паузите.

Брејден Поинт со златен гол во 10-тата минута од петтото продолжение им донесе победа од 3:2 на популарните Грмотевици, кои се надеваат дека повторно ќе згрмат победнички, овојпат со триумф во регуларниот дел од мечот против Сините јакни од Колумбус.

Првиот меч урна и неколку рекорди, а беше четвртиот најдолг НХЛ-дуел во историјата. Голманот на Колумбус, Јонас Корписало имаше фантастични 85 одбрани, што е рекорд во Лигата, а неговиот соиграч Сет Џонс со 62 минути и шест секунди минати на мразот во „Скоцијабенк арената“ е нов рекордер според минутажата на НХЛ-меч.

Вечерва и ноќеска се играат уште три дуели од првото плејоф-коло во НХЛ, а меѓу себе втор меч од сериите ќе играат:

Вегас Голден најтс – Чикаго блекхокс – Вегас води со 1:0

Бостон бруинс – Каролина хјурикенс – Бостон води со 1:0

Далас старс – Калгари флејмс – Калгари води со 1:0

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести