Страшен меч во НХЛ – Малку им беше регуларниот дел, па одиграа пет продолженија (Видео)

Тампа Беј го победи Колумбус со 3:2 во четвртиот најдолг меч во историјата на НХЛ-лигата, а голот на Брејден Поинт во петтото продолжение стави крај на неверојатната драма во „Скоцијабенк арената“.

Грмотевиците двапати губеа во регуларниот дел, но успеаја да израмнат и регуларниот дел од три периоди по 20 минути заврши нерешено 2:2.

Драмата продолжи долго во ноќта, а се одигра дополнително време од 90 минути, или цел фудбалски натпревар плус. Во плејофот во НХЛ се игра додека некоја од екипите не постигне златен гол за победа, а тоа го стори Поинт во 10-тата минута од петтото продолжение.

Не можеше да го сопре ниту новиот рекордер во НХЛ, Јонас Корписало. Голманот на Колумбус одбрани 85 удари, што е апсолутен рекорд во најсилната хокеарска лига.

Интересно е што Финецот не требаше да брани, но Елвис Мерзликинс не беше подготвен за стартот на плејоф-серијата, па Корписало вторпат по ред беше на голот и стана нов рекордер на НХЛ.

И неговиот соиграч, дефанзивецот Сет Џонс се запиша во историкската книга со рекордни 65 минути и шест секунди минати на мразот во Торонто.

Во останатите први дуели од првото плејоф-коло, Калгари го победи Далас со 3:2, а Вегас беше подобар од Чикаго со 4:1.

- Оглас -

Најнови вести