Кек: Кој ќе ја потцени Македонија, скапо ќе плати, Германија најдобро знае

Македонија и Словенија утре по седми пат ќе играат меѓу себе, а статистиката вели дека Македонија има четири победи, еден меч завршил нерешено, а еднаш се радувала и Словенија. Селекторот на Словенија, Матјаж Кек, вели дека утре ќе биде дуел на две селекции кои одлично се познаваат, а предводникот на Словенија додаде дека Македонија е доказ дека и малите земји може да направат голем фудбалски успех.

„Честитки за Македонија за пласманот на Европското првенство. Утре очекувам добар меч бидејќи тоа ќе биде дуел на две селекции кои добро се познаваат. Кога се игра за својата земја, тоа е голема чест, но и секогаш е обврска да се оди на победа. Многу ми е мило што Македонија се пласира на ЕП затоа што тоа е доказ дека и една мала земја може да има фудбалска бајка. Македонија е моја симпатија, селекција која има квалитетни играчи. Секој што ќе ја потцени Македонија, скапо ќе плати. Тоа го почувствува Германија пред неколку месеци“, вели селекторот на Словенија, Кек.

Јосип Иличиќ, ѕвездата на италијанскиот калчолигаш Аталанта, вели дека ќе навива за Македонија на ЕП.

„Играме против ривал кој е дел од ЕП, но ние секогаш сакаме да победиме. За нас е одлично што играме против Македонија, селекција која игра модерно. Искрено, ќе навивам за Македонија на ЕП“, вели Иличиќ на прес-конференцијата пред утрешниот дуел.

 

- Оглас -

Најнови вести