Кин: Не смееја да ги пуштат децата да им ги шутираат пеналите

Рој Кин, кој во кариерата одигра блескави 15 години во англиската Премиер лига, беше зачуден околу изборот на играчи во англиската репрезентација. Според Кин, искусните Рахим Стерлинг и Џек Грилиш требало да ја преземат одговорноста и да се пријават да шутираат, а не да дозволат младите и неискусни Сака и Санчо да бидат во четвртата и петата серија од пенал-рулетот.

„Ако сте Стерлинг или Грилиш, не може да го пуштите детето (Сака) да оди и да шутира пенал пред вас. Едноставно, не можете. Тој е срамежлив 19-годишен тинејџер, а тие имаат толку многу повеќе искуство од него. Стерлинг има освојувано трофеи, мораше да ја преземе одговорноста и да шутира пенал“, рече Кин.

Англичаните погодија само два од петте пенали што ги шутнаа. Искусните Кејн и Мегваер беа прецизни во првите две серии, а потоа следуваа промашувањата на Рашфорд (23 години), Санчо (21 години) и Сака, кој има само 19 години. Селекторот Герет Саутгејт ја прифати одговорноста за поразот.

„Јас ја донесов одлуката за тоа кои ќе изведуваат пенали и врз основа на тоа што се случуваше на тренинзите. Победувавме како екипа, па сега и вината за поразот ‘e биде таква. Што се однесува до пеналите, тука јас сум виновен“, рече Саутгејт.

- Оглас -

Најнови вести