Кинезите сами се победија против Полска, не знаеја да изведат аут

Полска ја победи Кина во најнеизвесниот меч кој досега се одигра на Светското првенство во кошарка. Кинезите имаат за што да жалат бидејќи беа пред триумф, но едноставно самите како да се победија. Во последните две минути, Кина водеше со 69:64, а потоа имаа предност од еден разлика на 6 секунди до крајот и топка во свој посед.

Сепак, при едно погрешно изведување од аут, Полска ја украде топката и домаќините мораа да прават фаул. Полјаците беа на чекор до победа во регуларниот дел, но последното слободно го утнаа, па на крајот по 40 минути беше 72:72 и за првпат мораа да се играат дополнителни пет минути игра.

Во продолжението, Полска водеше со 78:76, Кина имаше напад за израмнување или водство, но повторно згрешија при изведување на аут (не успеаја да ја внесат топката во игра за предвидените пет секунди). По толку катастрофални грешки, Полска едноставно не пропушти на крајот да победи со 79:76.

Русија немаше многу проблеми против Јужна Кореја и победи со 87:73. Уште во првата четвртина Русите стигнаа до предност од 27:18, а во продолжение успеаја да го контролираат резултатот и да стигнат до вториот триумф во групата Б. Во третото коло ќе има дерби за врвот против Аргентина, која денеска славеше против Нигерија.

На Шпанија доволно ѝ беше да одигра една одлична четвртина и да стигне до победа против Порторико. Клучна за триумфот беше третата четвртина, кога Црвената фурија во тие 10 минути беше подобра со 21:10, па двоцифрената предност ја задржаа во решавачката четвртина.

 

- Оглас -

Најнови вести