Ракометарите на Вардар дојдоа до својот 18-ти трофеј од Купот на Македонија, откако во драматичен меч во Струмица го совлада Охрид со минимални 24-23.
„Црвено-црните“ се апсолутни рекордери во најмасовното ракометно натпреварување кај нас со 18 трофеи, Металург има шест, а Пелистер пет титули.
Вардар имаше контрола во поголемиот дел од првото полувреме, постојано водеше со повеќе од еден гол, се до финишот кога Охрид успеа да израмни на 12-12, но „црвено-црните“ со голот на Малус дојдоа до водство на паузата.
Израмнето се играше и во првите десеттина минути во второто полувреме, кога Охрид со серија од 4-0 не само што првпат дојде во водство, туку имаше и плус три (20-17 и 21-18). Сепак, Вардар возврати со иста мера, па со серија од 4-0 дојде во водство од 22-21. Следуваше израмнета завршница со многу промашувања, но и со одлични одбрани на голманите на двете страни.
Во последната минута се влезе со водство на Вардар од 24-23, но откако Малус направи пробивање, Охрид доби шанса да го организира последниот напад за израмнување. Додека траеше нападот исклучен беше Гоце Георгиевски, па Охрид имаше 16 секунди со играч повеќе да израмни, но и овој напад заврши со престап, а тоа беше знак за славје на ракометарите на Вардар и сите кои навиваа за „црвено-црните“.
Јака Малус со осум гола беше најефикасен на мечот, додека голманот Валах имаше 10 одбрани.


