КК Работнички доби нов генерален спонзор, дрес имаше и за премиерот Ковачевски

Најтрофејниот кошаркарски клуб во Македонија, Работнички има нов генерален спонзор. Се работи за телекомуникациската компанија МТел, со која треба да почне враќањето на Работнички на старите патеки.

На промоцијата на новиот спонзор на Работнички присуствуваа градоначалникот на Центар Горан Герасимовски, како и премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, кој доби дрес на подарок.

Станува збор за четиригодишен договор со кој српски Мтел станува главен спонзор и главен поддржувач на клубот.
„Знам дека приказната на КК Работнички е долга и бурна, со подеми и падови, но во овој момент јас верувам дека заеднички ќе го создадеме нејзиниот среќен крај. Јас целата своја играчка кариера ја поминав во овој клуб, ова е мојот клуб, кон кој чувствувам обврска да помогнам заедно да се вратиме на победничките патеки и заедно да исчекориме кон врвот. Затоа што Работнички, затоа што Центар и центарци заслужуваат повторно да бидат на врвот во кошарката“, истакна Веселиновски.
Извршниот директор на Мтел, Марко Лопичиќ истакна дека Телеком Србија и компаниите го поддржуваат спортот во неколку држави, а сега меѓу нив е и Македонија.
„Како што веројатно знаете и сами Телеком Србија во Србија, како и нашите компании во Босна и Херцеговина и Црна Гора, од своето основање го поддржуваат спортот и на аматерско и на професионално ниво, поради тоа решивме таа позитивна деловна пракса да ја пренесеме и во Македонија. Се надевам дека ова спонзорство ќе овозможи на кошаркарите и стручниот штаб на Работнички да работат и да се натпреваруваат во уште подобри услови и дека резултатите во сезоната која што е пред нас ќе бидат уште подобри“, нагласи извршниот директор на Мтел, г-динот Лопичиќ.
Телеком Србија е стратешки насочена кон спортот, а доказ за тоа се сите соработки на компанијата меѓу кои и ова партнерство, изјави генералниот директор Владимир Лучиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести