Клоп е на пола пат од повторување на подвигот на Арсен Венгер

Ливерпул имаше феноменален прв дел од сезоната во Премиер лигата. По 19 одиграни меча, тимот на Јирген Клоп се израдува на 18 победи, а само еднаш ремизираше, и тоа на гости кај Манчестер јунајтед, па му недостасуваат само два бода да има перфектна полусезона.

Вториот дел од Премиер лигата за Ливерпул започнува вечерва, и тоа на „Енфилд роуд“ против Шефилд јунајтед. Во есенскиот дел, англискиот гигант на гости минимално со 1:0 славеше против Шефилд, кој по пауза од 12 години повторно е во Премиер лигата и игра многу добро, па со 29 бодови е на осмото место на табелата.

Клоп знае дека Ливерпул во претходното коло против Вулверхемптон среќно стигна до победата, но вели дека неговиот тим ќе се подобри и дека мора да продолжи да победува. Запрашан за тоа дали Ливерпул може да ја заврши сезоната без пораз како што го направи тоа Арсенал во сезоната 2003/04, германскиот стратег беше самоуверен.

„Не знам за што размислувал Арсен Венгер пред мечевите во таа сезона, но ние сега не се плашиме од пораз. Задоволен бев што го победивме Вулверхемптон, но не бев задоволен од играта. Нема да се лажеме дека сè беше во ред, кога не беше. Мораме да напредуваме и сигурен сум дека ќе го направиме тоа“, рече Клоп пред денешниот меч против Шефилд.

 

- Оглас -

Најнови вести