Клоп ги убедува фановите: Ќе имаме шампионска парада

Во исчекување на рестартот на Премиер лигата, веќе може да се зборува за доделувањето на титулата на Ливерпул. Актуелниот европски првак треба да оствари само две победи во преостанатите девет кола за и официјално да го прекине тридеценискиот пост, а едно од прашањата кое често се поставува е дали Црвените ќе прават шампионска парада низ градот, со оглед на тоа дека пандемијата со корона-вирусот е актуелна и ризично е да се прават собири на маса луѓе.

Сепак, менаџерот Јирген Клоп убедува дека парада ќе има, но тоа не значи дека ќе се организира веднаш по завршувањето на сезоната.

„Ако станеме шампиони, ќе видиме каков тип прослава ќе биде возможен да се организира. Парадата не мора да се одржи по финишот на сезоната, можеме да почекаме додека не биде безбедно за такво нешто. Ниие во клубот секако ќе ја славиме титулата, но сакаме и со навивачите да ја споделиме таа радост. Потребен ни е само еден ден кога сите наши навивачи ќе излезат на улиците и ќе го поздрават успехот“, истакна Клоп.

Лани фановите на Ливерпул направија вонсериска „фешта“ откако повеќе од 750.000 луѓе беа излезени на улиците во Ливерпул да ја слават шестата европска титула. Инаку, сезоната во Премиер лигата ќе продолжи на 17 јуни, Ливерпул по 29 кола има 82 бода, 25 повеќе од второпласираниот Сити.

- Оглас -

Најнови вести