Клоп и Солскјер лути поради новите правила: Дали е ова фудбал?

Манчестер јунајтед одигра само 1:1 на гостувањето кај Саутхемптон, а по мечот, во таборот на Црвените ѓаволи имаа реакции на судењето. Тренерот на Манчестер, Оле Гунар Солскјер, вели дека неговиот тим е оштетен затоа што судијата не досудил фаул во корист на гостите во моментите кога Саутхемптон го даде погодокот за водство од 1:0.

„Точно е дека требаше подобро да се одбраниме во тој напад и дека Фред требаше да го изблокира шутот, но факт е дека судијата претходно требаше да досуди фаул над Фернандеш. Тоа 100 отсто беше фаул“, рече Солскјер.

Пред почетокот на сезоната, судиската комисија во Премиер лигата одлучи да дозволи погруба игра и да не се суди секој допир, исто како што нема да се гледаат милиметрите офсајд. „Неверојатно е колку фудбалот оди од крајност во крајност. Минатата сезона го судеа секој допир како да е кошарка, а сега нашиот спорт делува како да е рагби. И јас сакам машка игра, но кога е фаул, тогаш треба да се досуди“, додава Солскјер.

Со такво размислување е и Јирген Клоп. Ливерпул со 2:0 го победи Барнли, но Клоп вели дека играта била многу груба.

„Секогаш треба да бидете подготвени на тепачка, но ова навистина беше грубо. Не сум сигурен дали одиме во вистински правец. Не е ова фудбалот кој сакаме да го гледаме. Ваквите работи мора да се избегнат. Се започна со промената на правилото за заштита на играчите. Сакаме играта да се одвива, но постојат ситуации кои мора да ги санкционирате. Зар веќе нема фаули? Ако ви се допаѓа толку груба игра, тогаш треба да гледате борење“, вели Клоп.

- Оглас -

Најнови вести