Клоп има решение за да се избегнат смешките со ВАР во Англија

Во Премиер лигата веќе се поништени 20 погодоци во тековната сезона, дел од нив изгледаа регуларни, а решение за проблемите со начинот на којшто се практикува ВАР-системот во Англија има Јирген Клоп.

Тренерот на Ливерпул ги пренесува искуствата од семинарот што го посетуваше во организација на УЕФА, а се однесуваше токму на проблемите со ВАР-системот.

„Мора да се менува графиката што се користи во Англија. Линиите со кои се означува дали е офсајд или не се претенки и честопати се чини дека екипите се оштетени“, вели Клоп.

Токму и денеска беше поништен гол на Астон вила против Барнли со многу сомнителен графички приказ. Линијата покажа дека со многу мал дел од петата, Џек Грилиш е во офсајд во 12-тата минута од мечот.

За среќа на судиите во ВАР собата, но и за Астон вила, поранешниот европски првак сепак успеа да слави со 2:1 на гостувањето кај Барнли и спорната одлука од самиот почеток не беше одлучувачка за исходот на мечот.

- Оглас -

Најнови вести