Јирген Клоп има многу причини за задоволство, бидејќи неговиот Ливерпул е лидер во Премиер лигата. Тимот од „Енфилд Роуд“ уште е без ниту еден пораз во првенството, а со 48 поени од досегашните 18 кола, клубот ја има најдобарата сезона во првенството.
Клоп верува дека за да стигне неговиот тим до титулата, ќе мора да го сруши рекордот кој минатата сезона го постави Манчестер Сити. „Граѓаните“ станаа прваци со 100 освоени бодови. „Ова изгледа лудо. Пред Божиќ имаме освоено 48 бодови. Но тука се екипи како Челзи, Манчестер сити, Тотенхем и Арсенал, кои ќе победуваат и ќе имаат над 40 бодови. На крајот ќе ни требаат 105 бодови за да бидеме шампиони“, рече Клоп.
Стратегот на Ливерпул, во интервју за клупската телевизија откри и кој е според него најдобриот фудбалер на денешницата. Германскиот стратег не кажа директно дека Лионел Меси е најдобар, но раскажа една анегдота.
„Не сакам да правам многу селфи, па во мојот мобилен телефон имам само една таква фотографија. Таа е направена со Лионел Меси. Кога се сликав со Меси, во просторијата беше и Кристијано Роналдо, но…“, откри Клоп, кој доволно кажа за да се знае дека тој многу повеќе го цени Аргентинецот, отколку играчот на Јувентус.