Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, беше многу лут по поразот на синоќешното гостување од Пари Сен Жермен во мечот од петтото коло од Лигата на шампионите. Германскиот стратег вели дека неговите играчи на теренот изгледале како да се месари.
„Ние сме еден од оние тимови во Премиер лигата што играме чист фудбал, но ако го гледаме дуелот против ПСЖ, изгледавме како да сме месари. Мечот започна како што очекувавме. Противникот веднаш нападна, ризикуваше многу и успеа да даде два гола. Кога така ќе започне еден меч, многу е тешко потоа да се вратиш во игра. Сега ни останува да се подготвиме добро за последниот дуел кој го имаме на наш терен“, рече незадоволниот Клоп.
Ливерпул по поразот од ПСЖ, падна на третото место во групата каде што лидер е Наполи, а ПСЖ е втор. Англискиот гигант е во незавидна позиција и во последното коло ќе мора да одигра перфектно за да остане во Лигата на шампионите и во пролетниот дел.