Клоп: Јас сум како полицаец од градинка во споредба со Симеоне

Јирген Клоп и Ливерпул вечерва се враќаат на стадионот „Ванда Метрополитано“, од каде имаат одлични спомени. На овој стадион, Ливерпул пред само девет месеци стигна до европската титула, откако во финалето го победија Тотенхем. Ако лани имаа поддршка затоа што финалето беше на неутрален терен, вечерва играчите на Ливерпул ќе ги очекува пеколна атмосфера, ако се знае дека фановите на Атлетико се едни од најверните.

Освен притисокот од трибините, секако притисок создава и тренерот на Атлетико Диего Симеоне, а тоа го знае и Клоп.

„Луѓето велат дека сум емотивен покрај аут-линијата, но ако сум јас на скалата со број седум по тој критериум, тогаш Диего е на скалата со број 12. Јас сум полицаец од градинка во споредба со него. Иако Симеоне е осум години во Атлетико, тој и понатаму е максимално емотивно внесен на секој меч и тоа е навистина импресивно. Неговиот тим секогаш е врвно организиран и затоа е еден од најдобрите тренери“, вели Клоп.

Во Лигата на шампионите овие два тима немаат играно од 2008 година, кога во рамките од групната фаза, двата меча завршија 1:1. Потоа имаат одиграни и два дуели во Лигата на Европа, а и тогаш по двата меча одиграни по 90 минути, секој тим на свој терен си победи со 1:0. Последниот меч го одиграа во август 2017 година, во рамките на Ауди Купот, а и тогаш беше крајно неизвесно. По 90 минути беше 1:1, а Атлетико се радуваше на пенали.

 

- Оглас -

Најнови вести