Клоп: Не е фер ако некој сака да поништи сезона која е 76 отсто одиграна

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, изрази загриженост дека може да се случи англиската Премиер лига да биде поништена и да не се доигра. Во една таква ситуација, Ливерпул ќе остане без титулата, иако само формално треба да се потврди дека гигантот од „Енфилд роуд“ во досегашниот дел од сезоната доминираше и едноставно е новиот англиски владетел.

„Постојат приказни дека има луѓе кои сакаат да ја поништат сезоната и тогаш си помислувам: Одигравме 76 отсто од сезоната и некој сега тоа сака да го избрише? Мислам дека тоа не е фер. Први сме на табелата по резултатите остварени на домашен терен, први сме на табелата по резултатите остварени на гостински терен. Ова е сезона во која едноставно мораме да станеме прваци“, вели Клоп.

Во Англија има опција за продолжување на првенството кон средината на следниот месец. До прекинот на сезоната, Ливерпул беше апсолутен лидер на табелата со 82 бода, дури 25 повеќе од второпласираниот Манчестер сити.

- Оглас -

Најнови вести