Клоп: Не ми се допаѓа што почнуваме порано од другите лиги

Во пресрет на дуелот против Манчестер сити во Комјунити шилд, менаџерот на Ливерпул Јирген Клоп, говореше за распоредот и почетокот на сезоната во Премиер лигата.

На Германецот не му се допаѓа тоа што англискиот шампионат стартува порано од останатите лиги во Европа, бидејќи се нема доволно време за подготовки, односно не може да го состави целиот тим со оглед на тоа дека неколку играчи како Салах, Фирмино, Мане и Алисон имаа репрезентативни обврски во текот на летото, па се вратија го клубот при крајот на претсезоната. За дуелот со Граѓаните, Клоп нема да смета на Садио Мане, кој до средината на јули имаше обврски со селекцијата на Сенегал на Афкон, по што му следуваше заслужен одмор.

„Не ми е јасно зошто почнуваме порано од другите. И во Шпанија и во Италија првите лиги имаат по 20 екипи, па почнуваат една или две недели подоцна од нас. Што се однесува до мене, нормално дека сакам секоја недела да играме фудбал, но треба да се мисли и на играчите. Тие се само луѓе како нас, а не роботи. Надлежните за овој проблем треба малку подетално да ги организираат работите. Воопшто не барам изговори, но очигледно е дека во Англија никој не се засега за фудбалерите. Клубот од нас очекува да имаме претсезонски подготовки, но како тие да поминат без надворешно влијание кога половина од играчите се на репрезентативни обврски“, вели Клоп.

По утрешниот спектакл на „Вембли“, Ливерпул во петок (9 август) ја отвора новата сезона во Премиер лигата, со дуелот во првото коло против повратникот Норвич на „Енфилд“. Покрај трофејот во Комјунити шилд, Ливерпул ќе се бори за трите пехари во Англија (домашна титула, ФА и Лига куп), европскиот Суперкуп, Лигата на шампионите и Светското клупско првенство, што значи дека Црвените би можеле да играат најмногу 67 натпревари за околку 300 дена.

Инаку, Премиер лигата за првпат сезонава ќе има зимска пауза, која ќе почне во февруари и ќе трае околу две недели.

- Оглас -

Најнови вести