Клубот на македонскиот репрезентативец има проблеми, четири месеци не исплатил плата

Клубот за којшто настапува македонскиот репрезентативец Јован Манев, Адана Демирспор, се чини дека е во големи финансиски проблеми. Според поранешниот напаѓач на Милан, Мбаје Нијанг, клубот на фудбалерите им должи четири плати, а тој по секоја цена сака да си замине и да се врати во Франција.

Сенегалецот во својата кариера има играно и за: Кан, Монпеље, Џенова, Ватфорд, Торино, Рен, Ал-Ахли, Бордо и Оксер, но вели дека вакво искуство досега не доживеал никаде.

„Моето искуство во Турција, што се однесува до игрите на теренот, е добро. Играм добро, стандарден сум. Можам да покажам што знам. Животот во Турција е убав, но проблем е платата, тоа влијане многу. Чудно ми е. Можам да разберам платата да доцни, но минаа четири месеци од последната која ја добивме. Тешко е да се фокусираш на теренот во вакви околности. Сакам да се вратам во Франција, веќе го информирав клубот“, вели Нијанг.

Адана Демирспор во моментов е на шестата позиција на табелата со три поени помалу од третопласираниот Трабзонспор и е многу блиску повторно да се избори за учество во некој од европските купови.

- Оглас -

Најнови вести