Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, по средбата со Сплит, истакна дека кошаркарите во сино-бели дресови биле решени да извојуваат победа.
„Тежок меч, особено психолошки, но им честитам на сите мои играчи за карактерот и борбата, како и за играта. Имаше многу икс-фактори, ако продолжиме вака, ќе биде добро. Порази ќе има, но добро е кога играме вака. Одбраната беше добро поставена во првите минути, ние секогаш во второ полувреме играме поборбено. Кај играчите се гледаше решитеноста за победа“, изјави Кочов.
Гостинскиот тренер смета дека неговиот тим паднал во второто полувреме.
„Можеби бевме заморени, но без тројца важни играчи и не можевме повеќе во второто полувреме во кое паднавме, особено во одбраната. Заслужена победа на МЗТ“, рече тренерот на Сплит, Владимир Анзуловиќ.
По 6 кола, МЗТ е третопласиран со скор 4-2. Во следното коло, во среда, македонскиот тим гостува кај Вршац, кој е последен на табелата со 1-5.