Едуард Кокшаров денеска го водеше тренингот на европскиор првак Вардар, а Давид Писонеро како помошник ги следеше инструкциите на Русинот. Писонеро, кој летово беше назначен за тренер на Вардар, само неколку месеци издржа како предводник на Црвено-црните.
Шпанецот синоќа беше сменет од позицијата, и тоа по првиот пораз во Лигата на шампионите од Кил на домашен терен. Вардарци беа немоќни против германскиот тим и по првото полувреме, дадоа само четири гола, а на крајот загубија со убедливи 31:20, што е најтежок пораз на домашен терен во последните неколку сезони.
Кокшаров не сакаше да дава изјави за македонските новинари на првиот тренинг во „Јане Сандански“, но затоа во руските медиуми, односно за „Хандбал Фаст“, тој објаснува како се нашол во ситуација да биде прв тренер на Вардар.
„Претседателот Сергеј Самсоненко донесе одлука јас да ја водам екипата во следниот период. Вриеше во клубот. Тимот го загуби препознатливиот стил на игра, таа што го красеше во последните неколку сезони. Промената е поради објективни причини. Точно е дека си заминаа повеќе играчи и дека е потребно време да се воигра тимот, но сепак решението е да има радикална промена“, открива Кокшаров, кој додаде дека Писонеро ја прифатил опцијата да биде помошник тренер, инаку во спротивно ќе требаше да ги спакува куферите и да замине од Вардар.
Следниот меч во Лигата на шампионите Вардар ќе го игра задутре, и тоа на госи кај Веспрем, а Кокшаров ќе биде предводник од клупата.