Македонското големо ракометно дерби меѓу Е. Пелистер и Вардар, кое е закажано за среда од 18 часот, ќе има посебна атмосфера бидејќи во салата „Боро Чурлевски“ ќе присуствуваат и двете навивачки групи.
Веста ја потврди клубот од Скопје преку социјалните мрежи, упатувајќи апел до своите поддржувачи да бидат присутни во што поголем број и да дадат силен ветер во грб на ракометарите.
„Големото дерби во среда ќе биде дополнително обогатено со присуството на нашите навивачи, за кои ќе биде обезбеден посебен сектор во салата ‘Боро Чурлевски’ во Битола.
Вашата поддршка е од огромно значење за тимот, кој со нетрпение го очекува почетокот на натпреварот. Средбата стартува во 18:00 часот, кога нашите ракометари ќе излезат на терен подготвени да го дадат максимумот за нова победа.
Ве покануваме заедно да уживаме во ракометот и во фер и коректна атмосфера да ги бодриме црвено-црните!“, објави РК Вардар.

