Конгрес на УЕФА: Ние сме европски фудбал, тие не се

Европската фудбалска куќа одржа конгрес на кој главната тема беше основањето на Суперлигата, а ова е заклучокот од состанокот на сите 55-те членки на УЕФА.

„Конгресот на УЕФА е категоричен дека затворената „Суперлига“ е спротивна на самиот концепт за тоа што значи да се биде европски: унифициран, отворен, солидарен и принципиелен кон спортските вредности.

УЕФА и нејзините членки – асоцијации веруваат во вистински европски модел кој се темели на отворени натпреварувања, солидарност и прераспределба за да се обезбеди одржливост и развој на играта за доброто на сите и за промовирање на европските вредности и социјална одговорност.

Клубовите кои заговараат затворено натпреварување очигледно заборавија дека нивниот денешен статус не беше постигнат изолирано, туку беше дел од динамичен европски систем каде што големите, средните и малите клубови придонесоа за успесите и загубите на сите. Нивната претпоставка дека имаат право да се одвојат и да полагаат право на наследство кое е изградено со заеднички сили е навреда за европските вредности и спортските заслуги.

УЕФА, нејзините членки и сите оние кои го сакаат фудбалот силно ќе се спротивстават и ќе се борат против сопствениците на клубовите кои заговараат таква лига и против сите оние кои ги поддржуваат. Од морална гледна точка многу добро знаеме што сѐ се крие зад ова и во таа смисла ќе го штитиме фудбалот од себичен клан кој не се грижи за играта. Ние сме европски фудбал. Тие не се“, стои во соопшението кое го пренесе ФФМ.

- Оглас -

Најнови вести