12.8 C
Skopje
понеделник, 10 ноември 2025

Конте: Луѓето мислат дека грдото пајче може преку ноќ да стане лебед

Тренерот на Наполи, Антонио Конте, изрази големо разочарување од енергијата што неговиот тим ја прикажа при поразот од 2-0 на гостувањето кај Болоња. Тој, сепак, го одбрани напаѓачот Расмус Хојлунд, иако Данецот повторно не успеа да се запише во листата на стрелци за актуелниот шампион.

„Фудбалерите на Болоња беа далеку поенергични во секој поглед. Жалосно е што тие покажаа поголема глад и ентузијазам. Тоа е најразочарувачкото нешто и мора да нè натера да размислиме. Ова ни е петти пораз од почетокот на сезоната, што значи дека мора да размислуваме уште повеќе. Не смееме да заборавиме дека Болоња играше во четврток, а сепак делуваше многу помотивирано. Додека натпреварот беше израмнет, едвај го држевме потребното ниво, а потоа целосно паднавме. Тажно е, затоа што тие имаа сосема поинакво ниво на енергија. Ние мора да најдеме нова сила и мотивација, различна од онаа што ја покажуваме од стартот на сезоната“, изјави Конте.

Конте призна дека е сериозно загрижен за формата на својот тим.


„Загрижен сум, нема што да кријам. Ако екипа што треба да биде главен фаворит за титулата има пет порази во сите натпреварувања, нешто не е во ред. Да не заборавиме, кога Наполи последен пат го освои Скудетото, следната сезона тимот се распадна. Луѓето мислат дека грдото пајче може преку ноќ да стане лебед. Минатата сезона беше исклучителна, но оваа е сосема различна. Работиме, но треба да се запрашаме дали тоа го правиме со истата страст и желба како лани, кога сакавме да се докажеме, или само се потпираме на старата слава. Енергијата дефинитивно се промени. Не ја чувствувам позитивната атмосфера од минатата сезона, а играчите тоа го знаат, бидејќи им го повторувам веќе подолго време. Тажно е што не успеав да ја вратам таа енергија во последните четири месеци. Тоа значи дека не ја вршам добро својата работа, или пак некој не сака да ме слуша“, заврши Конте.

- Оглас -

Најнови вести