21.8 C
Skopje
петок, 19 септември 2025

Конте: Црвениот картон го расипа натпреварот, морав да го повлечам Де Бројне

Тренерот на Наполи, Антонио Конте, не го криеше своето разочарување по поразот од 0-2 против Манчестер сити во Лигата на шампионите. Тој смета дека црвениот картон на Џовани ди Лоренцо уште во 20-тата минута го уништил натпреварот и верува дека доколку тоа не се случеше, неговиот тим ќе пружеше многу посериозен отпор.

„Сите останавме со горчлив вкус во устата затоа што е разочарувачки. Го подготвивме мечот на начинот на којшто игравме во првите 20 минути, а тој црвен картон го уништи дуелот. Не сакам да кажам дали одлуката беше исправна или не бидејќи не ја видов ситуацијата, но и онака е доволно тешко да играш против Манчестер сити – 11 на 11. Видов добар пристап од моите момци и мислам дека на Сити ќе им беше навистина тешко против нас. По тоа што се случи, момците добро се справија, издржувајќи додека можат. И онака е тешко, но ако си со 10-мина играчи околу 75-80 минути, вклучувајќи го судиското надополнување, станува невозможно“, изјави Конте.

Поради тој црвен картон, тренерот беше принуден да го повлече Кевин де Бројне уште во 26-тата минута.


„Понекогаш судбината може да биде сурова. Минатата сезона имавме само еден црвен картон во Серија А. Овде добивме таков по 20 минути. Да го повлечам Де Бројне, беше единственото што можев да го направам во тој момент.“

Сепак, Конте остана позитивен по завршувањето на мечот.

„Јас сум многу искрен и имав чувство дека започнавме добро во првите 20 минути, создавајќи им проблеми со висок пресинг. Чувствував дека можеме да им наштетиме. Жал ми е што вакви натпревари се уништуваат од црвени картони затоа што никогаш не можеш да знаеш како ќе се развиеја работите и како тимовите навистина би се споредиле еден со друг. Бев играч, знам дека и заморот се акумулира со текот на времето кога си со 10-мина играчи, па затоа морав да внесам свежи сили… Задоволен сум од духот на пожртвуваност на моите играчи и си заминувам од овој меч со позитивни чувства за нашиот европски напредок. Тоа се моите впечатоци“, додаде стратегот.

- Оглас -

Најнови вести