Конте верува дека уште има надеж

Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте, изјави дека е разочаран од одлуката на УЕФА англискиот клуб да биде исфрлен од Конференциската лига. Тотенхем во последното коло требаше да игра против Рен, но мечот не беше одигран поради зголемен број на заразени фудбалери во лондонскиот тим.

Дуелот требаше да се игра на 9 декември, а УЕФА подоцна не најде нов термин кога да се одигра овој меч, па Дисциплинската комисија на УЕФА одлучи да му даде службена победа од 3:0 на францускиот тим.

Конте вели дека е многу разочаран од одлуката на УЕФА, но верува дека уште има шанса Тотенхем да игра во нокаут-фазата од Конференциската лига.

„Одлуката на УЕФА е неправедна. Цел свет знае дека се соочивме со голем проблем затоа што корона-вирусот секако е голем проблем. Не сме виновни што мечот не се одигра. Одлуката на УЕФА едноставно не е фер. Ние заслуживме на терен да покажеме дека сме способни да играме во нокаут-фазата, но УЕФА тоа не ни го дозволи. Сепак, ова не е дефинитивна одлука на УЕФА и ќе се обидеме да добиеме термин за играње“, вели Конте.

- Оглас -

Најнови вести