Хокеарот Адам Џонсон (29 години) почина пред два дена во болница во Шефилд откако за време на еден натпревар противнички играч со лизгалка му го пресече вратот. Инцидентот се случи на мечот Нотингам пантерс и Шефилд стилерс во британскиот Челинџ куп.
Во втората третина, по една акција на Нотингам, еден противнички играч со високо крената нога го закачи Џонсон со лизгалката директно на вратот и го пресече. На мразот веднаш бликна крв, а повредениот хокеар со помош на негов соиграч веднаш замина кон клупата за резерви да побара помош. За жал, лекарите не успеаа да му го спасат животот.
По инцидентот кој се случи, многумина се прашуваат дали имаше намера во фаулот кој се покажа како смртоносен. Новинарот на Фокс, Џеси Ватерс, во своето видување потенцира дека за овој смртоносен фаул треба да се суди за убиство. Новинарот посебно потенцира дека Мет Петгрејв, кој го направи смртоносниот фаул, всушност е „најнечистиот“ играч во лигата и дека имал најмногу казнени минути и исклучувања во минатата сезона.
„Полицијата го истражува овој случај бидејќи личи на убиство. Според мене, ова изгледа како убиство“, беше коментарот на Ватерс.
https://twitter.com/i/status/1719197737231818873
Гостин во емисијата беше поранешниот НХЛ-играч Шон Ејвори, кој вели дека сите кои ќе излезат на мразот мора да бидат повнимателни.
„Дали овоа момче сакаше да има контакт со противникот? Апсолутно. Дали се разбудил со помислата дека ќе убие некој? Тоа не. Ги молам сите да бидат внимателни со тоа. Сега лизгалките се многу потенки и поостри од тие кои ги користевме пред 20-тина години. Направени се од титаниум. Веќе имаше два случаи со тешко повредени хокеари. Имам тригодишен син кој игра хокеј. Ова беше ужасно за гледање“, вели Ејвори.