Додека трае борбата со Коронавирусот, ривалството не постои, обеденети се и најлутите непријатели. По еден таков пример доаѓа од Италија и од Аргентина.
Можеби не знаете, но во областа Ломбардија во Италија, едно од најголемите ривалства е тоа на градовите Бреша и Бергамо, па и на фудбалските клубови од овие градови. На границата помеѓу двата града, на еден мост, фановите на Аталанта и Бреша поставија транспарент на кој пишува „Поделени на трибините, обединети во болката“.
Во текот на територијалната поделба на Италија во последните 900 години, жителите на Бергамо и Бреша често се убивале меѓу себе, омразата се пренесе и на фудбалот.
Во овие тешки времиња, заеднички работат и двата најпопуларни аргентински клубови, Бока јуниорс и Ривер плејт. Бока и Ривер, чии навивачи многу се мразат, објавија дека своите простории им ги нудат на користење на здравствените власти. Се очекува нивниот пример да го следат и другите клубови.