Новак Ѓоковиќ ќе сака што е можно побрзо да ги заборави Олимписките игри во Токио. Најдобриот тенисер во светот беше голем фаворит за освојување на златото, а на крајот воопшто не е ниту меѓу најдобрите тројца кои ќе бидат на пиедесталот.
Откако вчера загуби во полуфиналето од Александер Зверев, Ѓоковиќ денеска во борба за третото место беше поразен од Пабло Карењо Буста од Шпанија со 2:1 во сетови.
Карењо Буста одлично го започна мечот и веднаш направи брејк, па поведе со 3:0. Оваа предност на Шпанецот беше доволна за да го добие првиот сет со 6:3. Во вториот сет двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис па мораше да се игра тај-брејк. Карењо Буста тука ја пропушти првата меч топка, затоа што водеше со 6:5, но го загуби тај-брејкот со 8:6 и Ѓоковиќ израмни на 1:1 во сетови.
Третиот сет беше како реприза на првиот. Шпанецот го доби својот сервис, а потоа направи и брејк па поведе со 3:0. Оваа предност ја имаше со 5:3 кога и сервираше за освојување на бронзата. Вистинска драма беше деветиот гејм кога Карењо Буста пропушти четири меч топки, но од петиот обид, успеа да го добие овој гејм, а со тоа и сетот за победа од 2:1.
Последната шанса за медал на Ѓоковиќ во Токио ќе биде борбата за трето место во мешани двојки.