Косово загуби од Романија, но уште има шанси да освои три бода со службени 3:0!

Романија го победи Косово со 2:0 во меч од квалификациите за пласман на ЕП 2024, но веројатно тука не е крајот на оваа средба. Дуелот во Букурешт имаше подолг прекин откако во првото полувреме, гостинските фудбалери го напуштија теренот, затоа што на трибините беше истакната парола „Косово е Србија“, а потоа се слушаше исто такво скандирање и од трибините.

Дури откако транспарентот беше тргнат, фудбалерите на Косово се вратија на теренот и одиграа до крајот, кога беа поразени со 2:0. Косоварите загубија на теренот, но тие се надеваат на освојување три бода на „зелена маса“.

Целиот овој случај од Букурешт потсетува на ситуацијата од 2014 година, кога во Белград играа Србија и Албанија. Тој дуел беше прекинат откако гостинските фудбалери го напуштија теренот, а ЦАС одлучи да ѝ се додели службена победа на Албанија. Сега Косово се надева на слично сценарио.

„Навивачите на Романија со јазикот на омраза го оцрнија мечот со неспортско однесување. Сакавме моментален прекин додека транспарентот не се тргне. Тоа го одобри делегатот и дури пота средбата продолжи. Се обративме до Дисциплинската комисија на УЕФА со барање да се преземат мерки поради националистички скандирања. Ваквите инциденти направени со јазикот на омразата на романските навивачи не смеат да се случуваат. Фудбалот треба да гради мостови меѓу сите нас, а не да ги руши“, стои во соопштението на Фудбалската федерација на Косово.

Косоварите се подготвени да достават видео и аудиоснимки од инцидентот и се надеваат дека ќе ја имаат комплетната документација за тужба. Во Приштина се надеваат дека може да бидат одземени трите бода на Полска и да бидат префрлени на контото на Косово.

 

- Оглас -

Најнови вести