Лука Модриќ после цели 13 години си заминува од Реал Мадрид. Хрватот и официјално ја збогуваше со навивачите на „кралевите“ и најави дека мечот во сабота против Реал Сосиедад ќе биде последен за него на „Сантијаго Бернабе“. Според напишаното, Модриќ ќе биде дел од екипата на Реал Мадрид која ќе настапи на Светското клупско првенство во САД.
„Дојде моментот. Моментот што никогаш не сакав да дојде, но таков е фудбалот, а и во животот сè има почеток и крај… Во сабота ќе го одиграм мојот последен натпревар на Сантијаго Бернабеу. Стигнав во 2012 година со сонот да го носам дресот на најдобриот клуб во светот и со амбиција да направам големи нешта, но не можев ни да замислам што ќе следи потоа. Играњето за Реал Мадрид ми го промени животот — како фудбалер и како личност. Горд сум што бев дел од една од најуспешните ери на најголемиот клуб во историјата. Од срце му благодарам на клубот, особено на претседателот Флорентино Перез, на моите соиграчи, тренерите и на сите луѓе што ми помагале во текот на сите овие години. Во текот на овие години доживеав неверојатни моменти — пресврти што изгледаа невозможно, финалиња, прослави и магични ноќи на Бернабеу… Освоивме сè и бев многу среќен. Многу, многу среќен. Но, над сè, повеќе од сите титули и победи, во срцето го носам сето внимание и љубов од сите мадридисти. Навистина не знам како да ја објаснам таа посебна врска што ја имам со вас и колку се чувствував (и се чувствувам) поддржан, почитуван и сакан. Никогаш нема да ги заборавам сите овации и сите гестови на љубов што ми ги подаривте. Заминувам со полно срце. Срце полно со гордост, благодарност и незаборавни спомени. Иако, по Светското клупско првенство, веќе нема да го носам овој дрес на теренот, јас засекогаш ќе бидам мадридиста. Повторно ќе се видиме. Реал Мадрид секогаш ќе биде мојот дом. Засекогаш.“ – напиша Лука Модриќ.
Лука Модриќ во Реал Мадрид пристигна од Тотенхем во трансфер вреден 35 милиони евра и за 13 години одигра вкупно 590 натпревари со ефект од 43 гола и 95 асистенции. Хрватот во дресот на „кралевите“ освои 28 трофеи што го прави најтрофеен фудбалер во историјата на клубот.