Едињо, кој работи како технички координатор во младите категории во клубот Сантос, а попознат е како син на славниот фудбалски крал Пеле и за лежење во затвор за перење пари и продажба на дрога, вели дека неговиот татко е во тешка депресија, не излегува од дома, а има проблем и со одењето.
Пеле, кој во октомври треба да наполни 80 години, долго време има проблеми со колковите, здравјето му е влошено и не може да оди без помагало. Тоа го прави депресивен човекот кому нозете му донесоа слава и кој има три титули светски првак.
„Тешко му е. Не може да се помири со сегашната ситуација. Замислете, некогаш беше славен, го нарекуваат крал на фудбалот, а не може да оди. Срам му е да излезе од дома, не сака да го гледаат во ваква состојба“, објаснува Едињо.