Кралот на снукерот по осум години пауза, се враќа на масите!

Шкотланѓанецот Стивен Хендри му се враќа на професионалното играње снукер. Ова е шокантна вест ако се знае дека еден од најдобрите играчи во историјата на овој спорт не настапуваше на турнири уште од 2012 година, кога објави повлекување. Хендри со седум титули светски првак е најуспешен во модерната ера на снукерот, а тоа се 50 години, па затоа го сметаат за најдобар на сите времиња.

Хендри, кој има 51 година, доби покана и прифати да игра во следните две сезони. Тој играше професионално од 1985 до 2012 година, од 1990 до 1999 година освои седум титули на СП во Шефилд, но многу од рекордите му беа урнати од Рони О‘Саливен, освен оној по бројот на титули светски првак.

Хендри, кој неодамна играше на СП за пензионирани играчи, вели дека нема преголеми амбиции.

„Ми недостасуваше натпреварувањето. Немам некои големи очекувања во делот на перформансите, но добро е што пак ќе се вратам на масите. Главна цел ми е повторно да заиграм на СП и ако успеам, тоа би било фантастично“, изјави Хендри, кој можеби реши да се врати откако Рони ги критикуваше младите дека немаат квалитет.

Хендри прв настап по камбекот би можело да има на шампионатот на Обединетото Кралство, закажан за 24 ноември до 6 декември во Јорк. Се надева дека ждрепката ќе му биде поволна и дека нема веднаш да налета на некој од најдобрите 4-5 играчи на светот.

„Ќе има галама, но тешко дека би победил некој од моментно најдобрите. Нема да биде убаво ако играм слабо и ако загубам со 0-5, но тоа е ризикот кој мора да го прифатам“, додава Хендри, кој нема да тренира по 6 часа на ден како порано.

- Оглас -

Најнови вести