Кралски нокаут на Реал Мадрид за Манчестер сити, шпанските херои ќе играат за титула против Ливерпул (Видео)

Реал Мадрид ќе го игра рекордното 17-то финале во Лигата на шампионите против Ливерпул на 28 мај во Париз, а во неверојатната авантура во луксузното натпреварување повторно направи невиден пресврт.

Во полуфиналниот реванш вечерва во Мадрид го победи Манчестер сити со 3:1 по две продолженија, а клучни беа головите на Родриго во 90-тата и во 92-рата минута.

Марез му донесе предност на англискиот тим од 1:0 на „Сантијаго Бернабеу“ со гол во 73-тата минута и во тој момент Сити имаше навидум недостижна вкупна предност од 5:3.

Но, резервата Родриго блесна за 120 секунди, и тоа во последните мигови од регуларниот дел и му донесе продолженија на Кралскиот клуб.

Веднаш на стартот од првото продолжение, фантастичниот Карим Бензема изнуди пенал и прецизно го изведе за победа од 3:1 и ново финале во ЛШ.

Претходно и против ПСЖ, Реал Мадрид губеше во реваншот со 0:1 дома и имаше два гола негатива во вкупен резултат, но победи со 3:1 и се пласира во четвртфиналето.

И во таа фаза направија подвиг и од 0:3 дома, во реваншот со Челзи стигнаа до доволни за полуфинале 2:3, а и вечерва потврдија дека се велемајстори за пресврти и ќе играат во финалето за рекордната 14-та европска круна против шесткратниот првак Ливерпул.

 

- Оглас -

Најнови вести