Во интервју за португалскиот ТВ канал „Канал 11“, глобалната фудбалска суперѕвезда Кристијано Роналдо ги полеа со студена вода шпекулациите за потенцијално враќање во неговиот клуб од детството, Спортинг Лисабон.
Роналдо кој ја започна својата славна кариера во академијата на Спортинг, иако има посебна наклонетост кон клубот, не планира повторно да го облече дресот на Спортинг како играч. И неговата мајка Долорес во минатото изјавуваше дека би била најсреќна ако Кристијано повторно заигра за Лавовите од Лисабон.
„Сакам да ги гледам натпреварите на Спортинг, тоа е мојот тим. Се разбира Португалија е моја земја, но сè си има време и лимит. Не планирам да се вратам да играм таму. Мислам дека нема смисла такво нешто“, изјави Роналдо, чиј фокус е на друго место.
Ова е разочарување за навивачите на Спортинг, кои долго време негуваа надежи дека ќе го видат нивниот сакан фудбалер да се врати во клубот каде што ја започна кариерата.