Кристијано Роналдо даде интервју пред 40-тиот роденден: Јас сум најдобар во историјата!

Најпопуларниот човек на светот според бројот на следбеници на „Инстаграм“, Кристијано Роналдо, кој утре ќе го прослави својот 40-ти роденден, даде големо интервју за шпанскиот „Ел Чирингито“.

Во овој разговор со новинарот Еду Агире, Роналдо даде неколку интересни изјави кои предизвикаа реакции меѓу фановите.

„Досега сум постигнал 923 гола, но не ми е важно дали ќе постигнам 930, 950 или колку и да се во кариерата. Ако успеам да постигнам 1.000, одлично. Ако не, и тоа е во ред. Но, бројките не лажат, јас сум најдобриот фудбалер во историјата! Можеби повеќе ги сакате Пеле, Меси или Марадона. Јас го разбирам тоа и го почитувам, но јас сум најдобриот и најкомплетниот играч досега. Не сум видел подобар фудбалер од мене. Јас сум добар изведувач на слободни удари, шутирам добро со лева и десна нога, брз сум, силен, многу скокам. Нема покомплетен фудбалер од мене“, смета Роналдо.

Роналдо откри дека и во минатото бил блиску до преселба во Барселона, но тој трансфер требало да се реализира една година по заминувањето од Спортинг и се појавил Манчестер јунајтед со понуда да го земе веднаш и прифатил.

„Обожував да играм на „Камп ноу“. Сосема посебна аура, енергија. Ме исвиркуваа, ме навредуваа, а јас тоа го сакав и редовно постигнував голови таму против Барса. Бев најсреќен во Реал Мадрид, тој клуб и тој град засекогаш се во моето срце. Во 2018 сакав нов предизвик, ново поглавје во мојот живот. Му кажав на претседателот дека сакам да одам и тогаш тој го прифати тоа. Но, во текот на преговорите за моето заминување тој не се согласуваше толку добро со мене. Тој сакаше да останам, но не можев бидејќи веќе му дадов збор на Јувентус дека доаѓам“, раскажа Роналдо.

Напаѓачот на Ал-Наср го спореди нивото на лигата во Саудиска Арабија и американската МЛС, каде што игра Лионел Меси во дресот на Интер Мајами.

„Кога донесов одлука да дојдам овде, не мислев дека лигата ќе расте толку брзо. Но, знаев дека за година или две ќе стане врвна, како што е сега. Жал ми е што има сосема друга реалност кога зборуваат за Саудиска Арабија и кога зборуваат за САД. МЛС е полоша, но бидејќи тоа е Саудиска Арабија, таа лига е потценета. Оние што играат тука разбираат што зборувам“, вели Роналдо.

 

- Оглас -

Најнови вести