Кристијано Роналдо сè поотворено го покажува своето незадоволство од престојот во Саудиска Арабија, пред сè поради тоа што Ал-Наср не вложува доволно во засилувања, за разлика од ривалите кои редовно носат звучни имиња.
Според угледниот португалски медиум „Рекорд“, во договорот на Роналдо постои клаузула што му овозможува да го напушти клубот во јуни 2026 година, а извесно е дека истата ќе биде активирана.
Португалската ѕвезда не се појави на денешниот натпревар против Ал Ријад, што дополнително ги засили шпекулациите дека неговата авантура на Блискиот Исток се ближи кон крај.
Интерес за негов ангажман покажуваат неколку клубови од МЛС лигата, како и екипи од најсилните европски шампионати.
Роналдо ја започна професионалната кариера во Спортинг Лисабон, по што настапуваше за Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Јувентус, а потоа и за Ал-Наср, со кратко враќање на „Олд Трафорд“ меѓу тие ангажмани.

