Кристијано Роналдо конечно постигна гол по пауза дури од 121 ден!

Италијанскиот првак Јувентус без поголеми проблеми со 2-0, со голови постигнати во првото полувреме славеше на гостувањето кај Болоња. Јувентус има само еден пораз во последните 35 меѓусебни дуели со Болоња, па јасно беше дека првакот нема да испушти шанса да се зацврсти на врвот и да чека пораз на Лацио в среда, кога ќе гостува кај офанзивно моќната Аталанта.

Кристијано Роналдо даде гол по пауза дури од 121 ден. На 22 февруари тој погоди против СПАЛ, а потоа одигра четири официјални мечеви во кои не се запиша во листата на стрелци.

Овој пост без гол на Португалецот, кој во најголема мера е по вина на паузата и корона-вирусот, е најдолг за Кристијано од периодот декември 2002 (последен гол за Спортинг) до ноември 2003 (првиот гол за Манчестер јунајтед) наваму.

Роналдо вечерва даде гол од пенал. За Јуве тоа е деветти досуден пенал сезонава во Серија А, а повеќе пенали имаат изведено само Лацио (14) и Лече (10).

Другиот гол за Старата дама беше убав и дело на Пауло Дибала. Аргентинецот откако дојде во Јуве речиси пред пет години, има дадено 20 гола со шутеви од надвор од 16-никот. Повеќе голови од далечина во топ-5 лигите во овие четири сезони има само неговиот сонародник Лионел Меси.

Лоши вести за Јуве од овој меч беа исклучувањето на Данило, кој доби два жолти картони, и повредата на Де Шилјо.

- Оглас -

Најнови вести