Куман нема да ги одмора Меси и Де Јонг, но Барса треба да се плаши од судијата

Барселона за првпат по октомври дојде во позиција сама да одлучува за својата судбина во шпанското првенство. Ако Барса ги добие сите натпревари до крајот на сезонава, ќе биде шампион. Затоа тренерот Роналд Куман рече дека нема намера да ги поштеди Лионел Меси и Френки де Јонг, на кои им се заканува суспензија и неиграње против Реал Мадрид ако добијат жолт картон вечерва против Валјадолид.

Многумина мислат дека не треба да се ризикува и дека Барса е доволно добра и без нив да победи, но холандскиот стручњак мисли дека сега не е време за одмор и калкулирање. Ако победат Каталонците, во мадридското Ел Класико ќе влезат со бод помалку од Атлетико и два повеќе од Реал. Меси е во феноменална форма, има 17 гола и 8 асистенции во последните 14 меча и без него против Реал, Барса би била драстично ослабена.

Вечерашниот меч на „Камп ноу“ ќе го суди Хаиме Латре, познат „непријател“ на Меси од сезоната 2018/19. На еден меч со Атлетик Билбао, Меси влезе во конфликт со Латре и доби жолт картон откако му викаше „Не ми се заканувај, секогаш истото го правиш“.

- Оглас -

Најнови вести