Тибо Куртоа по 22 месеца се врати во репрезентацијата на Белгија, а тоа беше причина за досегашниот прв голман на Белгијците, Коен Кастелс, да го напушти кампот на националната селекција.
„Оваа порака не е толку наменета за Тибо, туку кон Фудбалскиот сојуз. Ова не се вклопува во стандардите и вредностите кои ги имаме за еден екипен спорт“, рече Кастелс кога го напушташе кампот.
Свое излагање пред белгиските медиуми имаше и Тибо Куртоа, кој беше зачуден од зборовите на својот колега.
„Го разбирам Кастелс бидејќи беше број 1, не е згодно да го загубиш тој статус. Никогаш сум немал проблеми со одредени фудбалери, фактот дека сум тука покажува дека проблемот беше само со една личност. Сојузот од почетокот ме викаше да се вратам, но сега одлучив дека е време. Не знам за што зборува Кастелс, ако сака да каже нешто, тогаш ќе мора да каже се“, рече Куртоа.
Белгија е во истата група со Македонија во квалификациите за Светското првенство во 2026 година. Сепак, Белгијците во мартовскиот прозорец ќе играат двомеч против Укрина, за опстанок во дивизијата А на Лигата на нациите.