23.8 C
Skopje
четврток, 10 јули 2025

Куртоа: Тежок пораз и лекција за Реал од која треба многу да научиме

Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа, беше длабоко разочаран што прими четири гола на полуфиналниот натпревар против Пари Сен Жермен (0-4) на Светското клупско првенство. Белгиецот призна дека ова е тежок пораз, но и лекција од која тимот треба да извлече поука.

„Тие секогаш почнуваат многу силно, а ние не го испочитувавме планот на тренерот да бараме простор во нападот. Ни беше тешко да ја задржиме топката, а кога тие притискаа, добро ги наоѓаа слободните играчи и создаваа многу шанси. Во второто полувреме повеќе ја држевме топката, но не упативме доволно удари. Првите два гола го решија натпреварот, потоа тие се чувствуваа комфорно, а ние не. Тежок пораз, но пораз од кој мора да учиме. На добар пат сме, но понекогаш ваков удар ќе нѐ потсети дека сѐ уште имаме многу работа и дека треба да стигнеме до нивното ниво. Тие ја освоија Лигата на шампионите и се добри на овој турнир, а ние треба да стигнеме таму следната година“, изјави Куртоа.

„Мораме да ги анализираме грешките. Секогаш доцневме малку, а кога ќе задоцниш, сите се надвор од позиција. Тие трчаа напред, ние моравме да се враќаме и така губевме време. Не бевме подобри од нив, и тоа е проблем. Со толку многу простор за противникот, тешко е да се спречат“, дополни голманот.

Единствената добра вест во таборот на Кралскиот клуб е враќањето на неодамна повредените Едер Милитао и Дани Карвахал.

„Среќни сме што двајцата се вратија. Сега следува одмор и одлично е што ги имаме повторно со нас. За тимот е позитивно што се вратија. Жал ми е за Лука Модриќ и Лукас Васкес, кои заминуваат, тие се вистински легенди на Реал Мадрид и им посакуваме сѐ најдобро“, заврши Куртоа.

- Оглас -

Најнови вести