До крајот на квалификациите за Европското првенство во Германија, репрезентацијата на Македонија треба да одигра уште само еден натревар, оној домашниот против Англија во понеделник. Овие квалификации иако не се завршени, може да се прогласат не само како неуспешни, туку и како катастрофални, бидејќи одбраната ни е како швајцарско сирење, а тоа го говори и статистиката.
Македонија има најлоша гол-разлика од сите четвртоппласирани селекции во сите групи во овие квалификации, со девет дадени и 19 примени голови, односно гол-разлика од -10. Но, ова не е најстрашното. 19-те примени голови на само седум натпревар е негативен рекорд по бројот на примени голови во едни квалификации за Европско првенство, а знаеме дека треба да играме и против Англија, па овој рекорд може и дополнително да биде “подобрен“.
Досегашниот рекорд во квалификациите за континенталните собири ни беше 18 примени голови на двапати, но на 10 натпревари, бидејќи бевме во групи со по шест екипи.
Ако во оваа категорија ги ставиме и натпреварите кои сме ги одиграле во квалификациите за Светските првенства, може да се забележи дека реордот е 24 примени голови во еден циклус, но на 12 натпревари, бидејќи тогаш игравме во група со дури седум репрезентации. Воедно, тој квалификациски циклус за пласман на светското во 2006-тата е единствениот на кој имаме просек од два примени погодоци по натпревар.
Сега го надминуваме и тој просек и поставуваме уште еден негативен рекорд. 19 гола на седум натпревари се 2.71 гол по меч, убедливо најлош просек во историјата. Сепак, останува уште натпреварот против Англија, на кој и да успееме некако да ја сочуваме мрежата на Столе Димитриевски нечепната, просекот на примени голови во најдобар случај ќе биде 2.37 по натпревар, и токму затоа уште од сега може да констатираме дека рекордот е веќе поставен, само не знаеме колку ќе изнесува тој на крајот.
Македонија во тековниве квалификации прими седум голови од Англија во Манчестер, на единствениот меч кој го одигравме до сега против нив. Шест гола, на два натпревари ни даде Италија – еден во Скопје (1-1) и пет во Рим (2-5). Петпати во нашата мрежа стрелаа фудбалерите на Украина – три во Скопје (2-3) и два во Прага (0-2). Последниот, 19-ти гол е дело на фудбалерите на Малта кои погодија на првиот натпревар во Скопје (2-1). Сето ова значи дека чиста мрежа успеавме да сочуваме само еднаш, на гостувањето против Малта, кога победивме со 0-2.