Кошаркарската репрезентација на Македонија беше многу подобра во второто полувреме и на крај триумфираше со 78-70 на гостувањето кај Азербејџан, што за нашата репрезентација е четврта победа во четирите меча од претквалификациите за Светско првенство.

Откако Азербејџан поведе со големи 18 поени разлика во средината на втората четвртина, нашите сфатија дека нема шега и заиграа многу посериозно, па како одминуваше времето, квалитетот доаѓаше до израз, па пресвртот беше неизбежен.
Лоша вест е што во првото полувреме се повреди (задната ложа) капитенот Војдан Стојановски, кој го играше својот 90-ти меч за Македонија што е рекорд во историјата на репрезентацијата. Војдан не влезе во игра во второто полувреме.
Андреј Јакимовски со 22 поени и 8 скока беше предводник на македонскиот национален тим.

