Работнички и Пелистер вечерва ќе го дадат последниот патник во полуфиналето од кошаркарскиот плејоф. Овие два тима досега одиграат четири меча и резултатот е израмнет 2:2, па мајсторката мора да реши кој ќе оди во следната фаза.
Во досегашните четири меча, тимот кој беше домаќин победуваше, и тоа најчесто на убедлив начин. Сепак, сега тешко е да се очекува дека може некој да слави убедливо.
Според квотите во Sport Life, Работнички е во улога на фаворит, но гостите од Битола најавуваат дека не се дојдени со „бело знаме“.
„Подготвени сме за она што го очекува нашиот тим, веруваме дека можеме да стигнеме до победата. Не очекувам некои преголеми тактички изненадувања, сепак овие два тима одиграа четири меча за десетина дена, така што играчите добро се познаваат, тренерите знаат што да очекуваат еден од друг. Можеби ќе има одредени детали во кратки периоди, но главно сè е познато меѓу нас и Работнички. Ќе решава инспирацијата, мислам дека ќе биде тесен и неизвесен дуел што ќе го реши една топка, еден добар напад или одбрана, една судиска одлука… Јас верувам во мојата екипа и се надевам дека инспирацијата ќе биде на наша страна“, вели тренерот на Пелистер, Дејан Илиевски.
Освен овој меч, денеска се играат и два дуела во плејаут разигрувањето. Гостивар го пречекува Тиквеш и квотите велат дека домашниот тим треба да е многу поблиску до победа. Во втората денешна плејаут-пресметка, Шкупи е домаќин на Вардар.