Македонските одбојкари испуштија шанса да остварат подобар резултат од овие 1-3 во сетови против Финска. Според играта и резултатот во секој од сетовите, се гледа дека беше изедначено, но нијанси пресудија во полза на тимот од северот на Европа на вечерашниот меч во арената „Стожице“ во Љубљана.
„Разочарани сме, чувствувам дека бевме подобри од Финска, а загубивме со 1-3. Во првиот сет, при наше водство од 20-16, направивме грешки кои не треба да се допуштат на ЕП. Сами сме си виновни за поразот. Ни фалат мечеви на повисоко ниво, не треба да се разочаруваме, покажавме добра игра. Ќе правиме анализи, ако треба ќе играме полошо за око, а да победиме. Мора да го заборавиме поразот, веќе утре имаме нов меч, нема што да мислиме на Финска, ќе се фокусираме на Турција. Имаме единство во тимот, тоа ќе ни помогне. Турците се поразлични од Финска, не се толку дисциплинирани, но освоија сет против Русија, ќе видиме“, изјави Александар Љафтов.