Капитенот на Интер, Аргентинецот Лаутаро Мартинез, порача дека кој не сака да остане во Интер, може да си оди, а тоа најмногу се однесува на Турчинот Хакан Чалханоглу за кого се зборува дека е договорен со Галатасарај.
Чалханоглу се повреди играјќи за репрезентацијата и не играше на Светското клупско првенство, но се шпекулира дека не се вратил во Милано туку се „рехабилитирал“ во родната земја.
„Многу ми е жал за поразот. Но, има едно нешто што сакам да кажам: мора да сакате да останете тука бидејќи тука се бориме за голови и победи. Пораката е јасна: кој сака да остане со нас, останува. Оние кои не сакаат веднаш да си заминат. Нема да спомнувам имиња. Ние сме тука подготвени да направиме сè, но видов многу работи што не ми се допаѓаат. Ова е она што можам да го кажам како капитен. Кој сака да зсе бори за трофеи нека остане, кој не сака, збогум“, рече Лаутаро.
Претседателот Бепе Марота рече дека не разговарал со Чалханоглу околу неговата иднина во Интер и дека досега не добиле никаква понуда за Турчинот. Интер би го продал Хакан за 30 милиони евра.