„Лавовите“ од Ѓорче Петров на чекор од финалето во Купот

Македонија Ѓорче Петров победи со 1:0 на гостувањето кај Беласица, во првиот меч од полуфиналето на Купот на Македонија. Со овој триумф, „лавовите“ направија голем чекор кон пласман во финалето. Скопјани заслужено се радуваа на триумф, бидејќи во текот на целиот меч беа подобар тим, па дури може да жалат и што не победија уште поубедливо.

Првата голема шанса за Македонија ЃП беше во 23 минута кога гостите ја погодија стативата. Тоа што не го реализираа во првата голема шанса, гостите го поправија 10 минути подоцна. Се играше 33 минута кога Карвалјо даде прекрасен гол со погодок од околу 20 метри. Тој најпрво ја прими топката на гради, а потоа, фудбалски од прва биеше во долната десна страна.

Искусниот Боби Божиновски имаше шанса да зголеми на 2:0 во 44 минута, но одлично интервенираше Вујанац. Беласица во почетните неколку минути од второто полувреме се обиде да притисне, но без некоја позначајна шанса. Во 55 минута Карвалјо два пати имаше шанса за повторно да ја затресе мрежата на домаќините, но Беласица се одбрани.

Беласица имаше 100-остотна шанса за израмнување во 75 минута, но ударот на искусниот Ѓеоргиев го одбрани гостинскиот голман. Минималниот триумф на Македонија ЃП е одлична залиха, ако се знае дека реваншот е во Скопје на 10 април.

Во второто полуфинале, Академија Пандев и Победа првиот меч ќе го играат на 6 март, а реваншот е на 10 април, кога и ќе се знаат двајцата патници во финалето на Купот на Македонија.

 

- Оглас -

Најнови вести