0.8 C
Skopje
петок, 16 јануари 2026

Лазаров: „Задоволен сум иако загубивме. И поквалитетни репрезентации губеле од Данска“

Македонија со пораз го отвори Европското првенство во Данска и тоа токму од домаќинот со 36-24. Селекторот Кирил Лазаров, иако доживеавме двоцифрен пораз, е задоволен од играта, иако како што вели, и многу поквалитетни селекции губеле од Данска со ваков или поголем резултат.

„Можам слободно да кажам, иако е тешко да се каже тоа кога ќе загубиш со 12 гола, но јас сум задоволен од моите момци, како тие се бореа и како тие се поставија против една од најдобрите, ако не и најдобрата селекција во светот. Добро ги анализиравме, ги знаевме јаки страни, пробавме да ги најдеме и слабите, иако ги нема многу. Мислам дека добро го подготвивме натпреварот, меѓутоа вакви порази им се случуваат и на многу подобри репрезентации од нас. Мораме да бидеме задоволни и да извлечеме поуки од овој натпревар. Заедно со стручниот штаб добро изротиравме, им дадовме шанса на сите 16 играчи, затоа што ритамот е пеколен и да бидат што е можно посвежи и поздрави за наредните натпревари. Немаме многу време, имаме еден ден за одмор, да се рехабилитираме, да го подготвиме натпреварот против Португалија и да се прикажеме во подобро светло. Данска е Данска, и сами видовте дека нивното најсилно оружје е транзицијата и полуконтрата и за помалку од секунда стигаат и даваат гол, но тоа не успеале да го сопрат и многу поквалитетни и поискусни репрезентации од нашата.“ – вели селекторо Кирил Лазаров.

Како клучни за поразот се почетните минути, кога Данска ги искористи нашите грешки и со серија од 5-0 се одлепи од 3-3 на 8-3.

„Лошо го почнавме натпреварот, со неколку грешки и тука ни се одлепија. На поставена одбрана. Ние ја натеравме Данска да нѐ напаѓа со седум на шест, тоа е голем плус за нас и за мене како тренер. Мислам дека Данска ретко така напаѓа, бидејќи добро бевме поставени во одбрана, но мора да бидеме подобри во наредните натпревари. Да ја напаѓаш Македонија со седум на шест со сите врвни бекови кои ги имаат, многу им е лесно да направат вишок. Задоволен сум, мора да се одмориме, да собереме енергија и да настапиме уште поборбено против Португалија во недела.“ – додава Лазаров.

- Оглас -

Најнови вести