Леброн Џејмс донесе триумф за ЛА лејкерс, Јокиќ се врати по повредата и постави нов рекорд

Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс успеаја да ја прекинат серијата од три порази со неверојатна победа над Индијана со 119-120 на гостински терен, а херој беше неуништливиот Леброн Џејмс.

Лејкерс, со сите свои ѕвезди, врзаа три неочекувани порази, па синоќа беа под императив да победат против секогаш незгодната Индијана. Натпреварот од самиот почеток па сè до последната секунда беше повеќе од возбудлив и драматичен.

Индијана влезе во завршницата со предност. При резултат 119-118, ЛА лејкерс имаа последен напад на натпреварот и шанса да стигнат до триумф.

Лука Дончиќ беше сам, направи одличен продор, но промаши целосно неочекуван шут според неговите стандарди и на тој начин го лиши својот тим од победа.

Но, тогаш, по којзнае којпат се појави неуништливиот Леброн Џејмс. Кралот најпрво направи офанзивен скок, а потоа погоди со звукот на сирената за повеќе од важна победа на гостите од Лос Анџелес.

И покрај тоа што го промаши клучниот шут, Дончиќ беше маестрален со 34 поени. Леброн, пак, забележа по 13 поени и скокови, како и седум асистенции.

Најдобриот кошаркар на светот, Никола Јокиќ, се врати по повредата во натпреварот против Милвоки Бакс и доминираше со нови поставени рекорди.

Јокиќ пропушти пет натпревари поради повреда на глуждот на левата нога, а во своето враќање на теренот го урна Милвоки.

Денвер славеше со резултат 127-117, а Јокиќ натпреварот го заврши со 39 поени, 10 скока и 10 асистенции.

Тоа за Јокиќ беше 30-ти трипл-дабл во оваа сезона. Јокиќ стана само четвртиот кошаркар откако се игра најсилната лига во светот кој успеал да постигне 30 трипл-дабл ефекти во една сезона. Пред него тоа им успеало само на Расел Вестбрук (трипати), Оскар Робертсон и Вилт Чемберлен.

Резултати НБА: Филаделфија – Вашингтон 114-119, Бруклин – Торонто 86-116, Индијана – ЛА лејкерс 119-120, Њујорк – ЛА клиперс 113-126, Денвер – Милвоки 127-117, Феникс – Бостон 102-132.

- Оглас -

Најнови вести