Леброн Џејмс го претрпе најтешкиот пораз во кариерата (Видео)

Леброн Џејмс ќе го памети гостувањето кај Филаделфија по две работи, едната добра, а другата лоша. Ѕвезда на Лос Анџелес стана кошаркарот со најмногу минути поминати на теренот во историјата на НБА. Леброн како НБА-кошаркар има одиграно 66.298 минути и го сруши неколкудеценискиот рекорд на Карем Абдул-Џабар, кој како НБА-играч на теренот поминал 66.297 минути.

Во натпреварот на кој стана апсолутен рекордер по бројот на одиграни минути, Леброн го претрпе и најтешкиот пораз во кариерата. Филаделфија немаше милост против ЛА лејкерс и на крајот победи со неверојатни 44 поени разлика (138:94). Беше 13:13, а потоа домаќините со низа од 19:4 стигнаа до високо водство од 32:17 во првата четвртина.

Филаделфија водеше со 15 разлика на полувремето (68:53), а во последната четвртина се влезе со подносливи 98:80. Играта на Лејкерс целосно се распадна во последните 12 минути, кои домаќините ги добија со неверојатни 40:14 и на крајот тимот од ЛА загуби со убедливи 44 разлика, што е најтежок пораз во кариерата на Леброн Џејмс.

Филаделфија на овој меч постигна 22 тројки, а најдобар кај победничкиот тим беше Ембид со трипл-дабл од 30 поени, 11 скока и 11 асистенции. На спротивната страна Џејмс даде 18 поени и беше најефикасен во поразениот тим, а неверојатно е дека тој немаше ниту еден скок. Ова е само третпат во кариерата Џејмс да нема ниту еден скок. Претходно тоа му се има случено само во 2004 година како играч на Кливленд во дуел против Јута, како и во 2010 година, кога го носеше дресот на Мајами во дуел против Вашингтон.

Резултати од мечевите одиграни ноќеска во НБА лигата: Детроит – Вашингтон 107:126, Индијана – Портланд 110:114, Филаделфија – ЛА лејкерс 138:94, Јута – Њу Орлеанс 114:112, ЛА клиперс – Денвер 104:113.

- Оглас -

Најнови вести