Леброн сè погласно размислува за заминување од очајните ЛА Лејкерс

Одлуката на Лебрн Џејмс пред почетокот на сезоната да потпише нов договор со ЛА Лејкерс, се покажа како погрешна и реални се шансите еден од најдобрите кошаркари во историјата, да си замине од Градот на ангелите.

Иако Џејмс постигна 47 поени во победата на неговиот тим над Атланта, тој е незадоволен од состојбата во клубот кој се наоѓа на 13-та позиција на табелата во Западната конференција со скор од 15 победи и 21 пораз, и големи се шансите втора година по ред да остане без плеј-офот.

Според новинарот, Крис Маникс, Џејмс го продолжил договор бидејќи се надевал дека управата на тимот предводена од генералниот менаџер Роб Пелинка, ќе успее да донесе барем една суперѕвезда со која Лејкерси би се замешале во борбата за титулата, но тоа не се случи. Да бидат работите полоши, Маникс тврди дека ситуацијата нема да биде подобра ниту идното лето.

„Време е да признаеме дека одлуката на Леброн да го продолжи договорот со Лејкерс беше грешка. И за Џејмс на кому не му се потребни пари, ниту за Лејкерси кои немаат доволно квалитетен тим за да се замешаат во битката за титулата, а згора на тоа немаат доволно простор во селари капот за да донесат квалитетни играчи“, вели Маникс.

Желбата на Џејмс беше управата изминатото лето да се отараси од Расел Вестбрук и на негово место да се обиде да ги донесе Кајри Ирвинг или Дрејмонд Грин. Бидејќи тоа не се случи, Џејмс е разочаран од работата на управата и според Маникс, тој им порачал дека е можно да си замине на лето.

„Размената на Џејмс можеби звучи како лудост, но доколку Лејкерс наскоро не успеат да донесат квалитетни играчи, дали има подобар избор за двете страни“, додава новинарот.

Маникс овие зборови ги кажа само два дена откако и самиот Џејмс најави дека размислува за заминување.

„Не сакам да ја завршам кариерата играјќи на ова ниво, во тим кој не е конкурентен. Знам што можам да му дадам на клубот кој ги има вистинските играчи“, рече Џејмс по поразот од Мајами.

- Оглас -

Најнови вести