Легендарен италијански клуб за првпат испадна во третата лига

Некогашниот шампион на Италија и финалист во Купот на европските шампиони, Сампдорија, вечерва доживеа историски пад. Kлубот од Џенова ќе игра во третата италијанска лига (Серија Ц) следната сезона.

По последното коло во Серија Б, Сампдорија заврши на 18-тото место, првото што води во понизок ранг. Тимот одигра 0-0 на гости кај Јуве Стабија, но поради победите на Бреша, Фрозиноне и Салернитана, тоа не беше доволно за опстанок. Сампдорија ја заврши сезоната само со 41 освоен бод, само осум победи, 17 ремија и 13 порази.

Сампдорија досега само петпати играла во Серија Б, но никогаш претходно не испаднала во Серија Ц. Падот доаѓа во момент на длабока финансиска криза. Долгот на клубот надминува 200 милиони евра, од кои 70 милиони се само од последните две години.

Навивачите низ целата сезона протестираа поради слабите резултати и неизвесната иднина. Атмосферата околу клубот стана крајно негативна, со инциденти како напад на автобусот на играчите од разочарани фанови.

Во април, по неколку тренерски смени, кормилото го презеде Албериго Евани, поранешен помошник на Манчини во репрезентацијата на Италија. Помошник му беше Атилио Ломбардо, а во обидот за спасување се вклучи и самиот Роберто Манчини, клупска легенда со рекордни 567 настапи и 171 гол.

Манчини беше дел од „златната генерација“ која во 1991 ја освои единствената титула шампион на Италија и Купот на победници на купови во 1990 година. Неговиот поранешен соиграч, покојниот Џанлука Вијали, пред својата смрт во 2023 година се обидуваше да го откупи клубот со група инвеститори – со цел да ги врати Манчини и Ломбардо на чело. Иако Вијали не успеа да го реализира сонот, дел од неговата визија сега се претвора во реалност – но во најтешкиот момент на Сампдорија.

- Оглас -

Најнови вести